Најнови статии

  • Совршената замена од Грир Хенрикс
    Совршената замена од Грир Хенрикс Совршената замена (или оригинал The wife between us) ми го привлече вниманието затоа што веднаш штом излезе од печат почна да се искачува на сите топ листи и не можев да не ја прочитам. Се сеќавам дека беше недела, па…
    Коментирај Повеќе
  • Еленор Олифант е океј - Гејл Ханимен
    Еленор Олифант е океј - Гејл Ханимен Оваа книга годинава беше на едно од првите три места на сите можни позначајни избори, награди, листи на најпродавани книги. Слушнав дека правата за филм веднаш ги лапнала брилијантната Рис Витерспун која очигледно си има зададено цел во изминатите неколку…
    Коментирај Повеќе
  • Го имам твојот број - Софи Кинсела
    Го имам твојот број - Софи Кинсела Тие што ме знаат уште од основањето на sakamknigi.mk знаат дека Кинсела отсекогаш беше (и остана) една од моите најомилени авторки. Ретките се таквите како неа што знаат да ме изнасмеат до солзи и да направат да се почувствувам убаво,…
    Коментирај Повеќе

Големата вода - Живко Чинго

Автор 
Оцена
(110 оцени)

Големата вода - Живко Чинго

Роман прераскажан од детска преспектива. Роман за судбината на децата сирачиња, децата оставени сами по војната. Сместени во домот Светлина во кој од никаде не продираше ниту зрак светлина, приморани сами да се грижат за себе. Принудени да се одржуваат во живот само со своите соништа, патувајќи во посакуваните простори, живеејќи еден сон далеку од секој ред и дисциплина што се бара во домот.

Наспрема нив во романот се дадени и возрасните како противници на детските сонови, уништувачи на секоја трошка надеж, на секој светол стремеж за подобар живот. За нив постои само сега, овде, вака и никако поинаку. За нив постои само овој ред, само овие закони, кои тие ги поставија.

Соновите се забранети, забрането е и мечтаењето, сé што отстапува од нивните правила е забрането. Но, и покрај сè тие ќе сонуваат! Ќе сонуваат за подобар живот, за подобар дом, топло дом, чист дом.

Во светот на домот каде што секој со секого се мрази и поткажува, каде владее злобата, омразата, создавањето на карактеристиките, премногу е тешко еден сон да остане чист, недопрен од омразата, едно пријателство да опстане, да доживее остварување на сонот.

Лем својот сон ќе го спознае покрај својот пријател, Кејтеновиот син, дете кое ќе има сила и храброст да му се спротивстави на секого само да го оствари својот сон. Дете кое не знае за тага, за него само смеата е опијат кој ќе го однесе до големата вода, до она по што цело време копнееат, до Сентерлевиот рид, до неговата мајка. За нив двајцата не постојат граници, не постои ѕидот, не постои ништо што не би можеле да го поднесат само да дојдат до неа.

Но за да се стигне таму, на Сентерлевиот рид требаше да се помине целата вода, да се досонува сонот. А секој сон може да биде досонуван само со љубов, само со поддршката од пријателот покрај тебе кој ќе те дигне и тогаш кога нема да можеш самиот да станеш, кој ќе продолжи да сонува и за двајцата, кој ќе те натера повторно да поверуваш дека големата вода и Сентерлевиот рид постојат, и дека само заедно ќе ги освоите. Само заедно и со љубов. Бидејќи не постои сон кој не може да стане реалност, но треба силна верба.

Сонот за слободата на воените сирачиња ќе остане недосонуван, но тоа не значи дека нема да продолжат да сонуваат за неа, за големата вода, за слободата.

Покрај романот на Чинго од 2004 година постои и истиименуван филм во режија и сценарио на Трајков Иво и музика на Кирил Џајковски.

напишете коментар (Ве молиме пишувајте на кирилица)

Остави коментар како гостин

0
условите.
Вчитај претходни коментари
  • Пред се ви благодарам на топлото добредојде, и убавите зборови, се надевам дека ќе ви понудам уште многу вакви статии:)Поздрав!

    0 Like
  • И јас ти посакувам добредојде Снешка. Филмот го имам гледано и ми се допадна, но книгата ја немам прочитано. Инаку статијата ти е супер, чекаме уште твои статии и голем поздрав до тебе:))))

    0 Like
  • Епа Снешка, добредојде и од мене :)Сега нема да оставам некој конкретен коментар за книгата, но тоа ќе го сторам секако во скоро време. Но, затоа пак ќе оставам коментар за твојата статија, која вистински заслужува да биде пофалена и поздравена. А, еве и поздрав до тебе :)

    0 Like
  • Супер избор и супер статија! И велкам и од мене :))
    Филмот го имам гледано и мнооогу ми се допадна посебно детенцето Лем (ако не се лажам?!, така беше) ... потресна сторија ... Книгата ја немам читано, ја барав па ако ја имаш кажи ми чие издание е... ќе се потрудам да ја најдам.
    Пак ќе повторам МНОГУ ми се допаѓа сторијата!!!

    0 Like
  • Да токму така бидејќи и самиот роман е раскажан од детска преспектива, секако од детето Лем. Но, бидејќи ја имам читано одамна не се сеќавам кој е издавачот, но со сигурност можеш да ја пронајдеш во секоја градска библиотека. Не е голем романот, некаде околку стотина страници. Вреди да се прочита!
    Да и филмот е навистина добар, но вистинската суштина можеш да ја доловиш само со романот, кој секој од нас го доживува на посебен начин.:)Срдечни поздрави до сите вас!

    0 Like
  • Многу, многу убава книга!!! Ја имам читано и книгата и потоа го гледав и филмот. И филмот ми се допадна. Добредојде и од мене Снешка, браво за статијата!!!

    0 Like
  • Преубава статија која навистина ме растрепери. Сосем спротивното од првиот пат кога почнав да ја читам книгата. Не знам дали до недостаток на концентрација или бидејќи навистина изобилува со досаден стил на пишување, но мене воопшто не ми се допадна - Проклета да бидам! :P Така да, не успеав да ја дочитам, не сакав да ја дочитам! Е сега после статијава сфаќам дека сепак не сум се предала целосно во читањето и не сум успеала да ја почувствувам убавината на делото. Веднаш одам во библиотека да ја земам (од една страна бидејќи ми е книга за обработка, од друга - статијава). Се надевам дека ќе биде подобро од минатиот пат. :) Поздрав.

    0 Like
  • Само далеку некаде имаше една слободна, една голема вода што не можеше да се загради со никаков ѕид.

    Се колнам, само нашата љубов на илјади атоми разбиена, поделена со другите, тоа што си им го дал на другите само тоа е твое, во тоа е смислата.

    Јас сега верувам, проклет да бидам, во секое човечко срце мора да има по некоја топка капка пролетен дожд и колку тоа да биде тврдо, обвиено со мраз.

    - Кејтен, - скокнувам од најдлабок сон, одам како избезумен, го барам. - Кејтен, - тоа е мојот крик. Проклет да бидам, како безумно, како лудо се делиме, се губиме. Одам и само едно прашање како молња штрека во мојата душа, - како и каде да го најдам сега? :(

    Луѓе, луѓе мои, што сум лудувал тој ден! Чинев сиот страв излегол од мене, насекаде наоколу гледав како заитала водата... Се колнам, една огромна вода, бескрајно голема надеж. Проклед да бидам, НАДЕЖ.

    Добриот сон пак се јавуваше, желбата за слобода и Сентерлевиот рид ништо не можеше да ја уништи во нашите малечки срца. Во нив имаше многу љубов, пријателе. Проклед да бидам, ЉУБОВ. Насекаде наоколу беше Големата вода, се колнам тоа беше единствено што ни остана од животот во домот. Што можевме поголемо, поубаво нешто да имаме?

    Проклет да бидам, ако за некого во животот повеќе сме се молеле на господа отколку за нашето татенце, за нашиот стар управител на домот, другарот Аритон Јаковлески.

    Во секој случај, преубаво!

    0 Like
  • Милата вода!Вечерното сонце легнало над брановите,им се предало.Гледате:конец по конец се одмотува од златното клопче на денот.Во тој миг Големата вода личи на некој огромен разбој што полека,бесшумно,чудесно ткае.

    Големата вода е недофатлива,таа мора да е во срцето на човекот.Во неговиот сон.Проклет да бидам,за цело време додека бевме во домот јас и не си спомнувам дека некогаш нешто друго сум барал од животот.Како нешто најмило,како ликот на мојата мајка најдлабоко ја држев во моето срце.

    Кога мечка научува да игра,што останува за разумно суштество!

    Скот да бидам,јас едно време и Богу и пред луѓето најлудо се молев,и денеска тоа го правам,-кога му се суди на еден човек колку е тоа возможно да не се гледа само на еден дел од неговиот живот,за што можеби тој самиот не сноси никаква вина.

    Тажно,пријателе,тажно кога ти сеуште си жив,а некој те испишал.

    Проклет да бидам,веднаш го познавме тој глас.Тој беше во нас,ох,незаборавниот глас на нашите мајки.Тоа беше оној непознат глас што деноноќно ни се јавуваше,што не водеше кон Сентерлевиот рид.

    Се молев,ако некогаш нешто ќе може да се задржи,тогаш нека биде тоа таа љубов на нашите мајки.Проклет да бидам,мајка.По сонцето сигурно најсветла работа на светот се мајчините очи,нејзината безмерна љубов.

    0 Like
  • Прекрасна статија! Друго нема што да се каже!

    0 Like

Авторски Права

Сите права врз содржините на веб страната се задржани од страна на издавачката куќа САКАМ КНИГИ. 



Ниту еден дел од содржините не смее да се презема без писмена согласност на Сакам Книги.

Контактирајте нѐ

Вашето мислење ни е важно!

Можете да ни пишете порака преку нашата контакт страна . Со оглед на големиот број мејлови кои ги добиваме секој ден, се извинуваме ако не успееме да одговориме на сите.


contact@sakamknigi.mk
ivana@sakamknigi.mk

Тука Сме

сакам новости

Пријавете се доколку сакате да добивате новости за попусти и интересни настани!

Follow us on Twitter