Да, истиот оној намуртен и страшен Џек Палас кој уште не може да го заборави нивното минато и ја обвинува дека за малку ќе му ја уништела кариерата пред три години...
Да работи со Камерон Линд? Дали тие се шегуваат со него? Па тој не сака ниту да ја види лудата жена. Да, Џек дефинитивно мисли дека сето ова е само шега, дека неговите колеги ФБИ агенти сакаат да се пошегуваат со него по повод неговото враќање во Чикаго после трите години поминати во Небраска (поради Камерон Линд!).
Но ова не е никаква шега: иако тие двајца не сакаат ниту да се видат, сега мора да го остават зад себе своето бурно минато и да се фокусираат на задачата пред нив. Ако воопшто можат да се фокусираат кога не се ни способни да размислуваат кога се блиску еден до друг...
Слатко, секси и со интелигентен хумор, како и сте останати книги на Џули Џејмс. Сепак, оваа книга не би ја вброила во нејзините чик лит парчиња, бидејќи Мојот личен ФБИ агент е прва книга во ФБИ серијата на „романтични трилери“ со кои авторката ги зарази своите обожаватели ширум светот. ФБИ серијата сега засега е составена од 3 книги, но секоја од нив може да се чита независно затоа што во секоја книга има сосема различна приказна и ликови.
„Ќе се смеете на глас и ќе посакате да имате ваш личен ФБИ агент...“
Камерон ги прекрсти рацете преку градите. „Да, мислам дека станувам нервозна, полицаецу.“ И тоа не беше глума. „Најдете го тој агент - кој и да е - и кажете му дека на тешката жена од соба 1307 ѝ е дојдено преку глава. И кажете му дека многу ќе ценам доколку би можел да приврши со својата мала диктаторска обиколка и да се спушти на мое ниво за да може лично да зборува со мене. Бидејќи јас би сакала да знам колку долго очекува да седам овде и да чекам.“
„Сè додека јас го барам тоа од вас, госпоѓице Линд.“
Гласот дојде однадвор, од пред вратата. Камерон беше свртена кон вратата со грбот, но тој глас можеше да го препознае и во сон - длабок и мазен како сомот. Не е можно. Таа се сврте и погледна во човекот кој стоеше на другата страна од ходникот. Тој изгледаше исто како и последниот пат кога го виде пред три години: висок, темен и намуртен. Камерон не се ни помачи да ја прикрие омразата во својот глас. „Агенту Палас... не знаев дека сте се вратиле во градот. Како беше во Невада?“
„Небраска.“
Според неговиот леден израз, Камерон знаеше дека нејзиниот ден, кој веќе го доживеа својот несреќен почеток, штотуку стана педесет пати полош.



Viki
аполонија
Ивана Николовска
Бубе

Оставете ни свој коментар (на кирилица)...